Министерот за надворешни работи на Република Чешка, Томаш Петжичек денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија на покана на неговиот македонски колега Никола Димитров.
Како што соопшти МНР, на агендата на разговорите на двајцата министри, покрај прашањата за актуелната состојба и перспективите за натамошен развој на севкупните билатерални односи, ќе се најдат и прашањата за соработката во рамките на интегративниот процес на нашата земја во ЕУ и НАТО, како и заедничката соработка во рамките на меѓународните организации.
Се очекува шефовите на двете дипломатии да разменат мислења и за повеќе актуелни прашања од регионални и меѓународни рамки.
Во рамките на посетата, министерот Петжичек ќе оствари средби и со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, а потоа ќе присуствува на свечениот прием во Амбасадата на Република Чешка по повод 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји.