Возачот на автобусот на „Дурмо турс“ возел со брзина од 99 километри на час, иако на автопатот било дозволено возење со 80 километри, и го активирал уредот за манипулација на тахографот за да не ја прикаже вистинската брзина на движење, покажало вештачењето.
Според ОЈО, евидентирани се кочења кога автобусот ја преминал заштитната ограда во двете насоки, но брзината не му овозможила да го сопре автобусот пред да се преврти. Од истрагата било утврдено дека возачот на зборувал на мобилниот телефон, возел одморен и неговата здравствена состојба не влијаела тој да не реагира навремено.
Возачот е шестоосомничен во случајот, каде сопственикот на „Дурмо турс“ е првоосомничен. Тој не го организирал автобускиот превоз врз основа на законските прописи и му го препуштил раководењето на возниот парк на второосомничениот – раководителот на правното лице. Според истрагата, сопственикот не се грижел за исправноста на тахографот. Исто така, и двајцата знаеле дека не е исправен уредот за сопирање, ама не презеле ништо.
Трето, четврто и петтоосомничениот се вработени во станицата за технички преглед. Во јули и декември 2018 бил извршен технички преглед на автобусот и било забележано дека има проблем со сопирачките, но сепак издале документ дека автобусот е исправен.
Шестоосомничен е возачот, а седмото лице е осомничено дека издало потврда оти тахографот во автобусот е исправен, без да спроведе проверки.