Со сослушување на вешто лице од судска медицина, предложен од обвинителството за дополнително изведување докази по реконструкцијата на настанот, денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето на Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски – Саздо.
Судот на почетокот на денешното рочиште го одби предлогот на одбраната за повторно сослушување на вештото лице невропсихијатар, поради како што во вештачењето не било побарано тоа лице да вештачи во однос на болката и интензитетот на страдање на сега починатиот, туку во својот исказ тој само се повикува на вештачењето изработено од судска медицина.
Вештакот кажа дека последното вештачење од 4.3.2019 година е сублимација на обдукцијата и претходните вештачења и доплнувања за предметот и дополнета со реконструкцијата од 7.2.2019.
-Остануваме во целост со претходно дените мислења во однос на причината за смрта, начинот за добивање на повредите, страдањата на сега покојниот. Анализирани се и изјавите на учесниците и сведоците и самата местоположба на местото на настанот каде е извршен овој чин. Утврдивме дека сега покојниот повредите што ги задобил се нанесени со директен удар на тапа, тврда сила во глава и слабинската регија, а не се настанати од пад на асфалт или електрокутија што беше посочена на самата реконструкција. Со оглед што на телото на покојниот нема никакви повреди од пад на некаква тврда подлога во вид нагмечувања, рече вештакот.
Тој го појасни делот во однос на стравот и болките што жртвата ги чуствувала во моментот на нанесувањето на повредит и дали чуствувал страдање.
-Неколу пати е наведено во вештачењето, и можам да кажам дека врз основа на повредите, а тоа се истегнување на зглобот на косата и првиот вратен пршлен каде доаѓа и до оштетување на нервно васкуларни структури во таа регија како и ударите во главата кои довеле до оштетување на крвните садови во меките обвивки. Покојниот почуствувал болка од силен интензитет која траела кратко време со оглед на тоа што од добиените повреди за брзо време изгубил свест и таа болка од силен интензитет траела во многу краток временски перод, а тој период според исказите дадени од страна на сведоците и обвинетите на реконструкцијата се одвивал неколку минути. Оваа болка од силен интензитет траела не повеќе од една до две минути. Што се однесува за стравот, постоел примарен страв кој се манифестира со загриженост за својот живот кој траел се до губењето на свеста кога покојниот трпел и физички болки. Од губењето на свеста до самата обдукција покојниот бил во кома и бил одржуван со апарти за дишење и работа на срцето и не можел да чуствува ниту физички болки ниту страв. Бидеќи станува збор за динамичен настан кој траел неколку минути, покојниот во тој период на свест кога бил удиран од обвинетите трпел стрес во поголем временски интервал за разлика од некое моментално лишување од живот, на пример со огнострелна повреда која предизвикува моментална смрт. Страдањето е психофизички кое се манифетира со болка и страдање во вид на примарен страв за својот живот, рече вештакот.
Тој појасни дека на телото не се констатирани никакви повреди од пад или удар на некаков предмет.
-Тие три повреди на главата и лицето се директно причинско последична врска за настапување на смртта. Освен на главата, кај Саздовски постои и крвен подлив на масната капсула околу левиот бубрег и таа повреда би довела до крвавење, а не би довела до настанување на смрт, рече вештакот.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Јетон Љужа (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид” на булеварот „Александар Македонски” во Автокоманда.
Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза”.
Даниела Вељановска