Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе се прикажува во 28 држави

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Струга-Митевска е распродаден за кинодистрибуција на 28 територии во целиот свет.

По огромниот успех на македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска на 69-тото издание на престижниот филмски фестивал Берлинале и освоените две награди (престижната наградата на Екуменското жири (Ecumenical Jury Award) и наградата на германскиот еснаф на независни киноприкажувачи (Guild Film Award), француската компанијата за продажба „Пирамид“, која ги откупи правата за продажба, успеа филмот досега да го пласира во 28 земји во целиот свет.

Прикажувањето на филмот почнува во Франција од 1 мај, па потоа „Петрунија“ продолжува во кинодистрибуција во целиот свет од Далечниот Исток во Кина, Јапонија, до Австралија, преку Јужна Америка во Бразил и Колумбија, па на север до Канада, преку Турција и земјите од Блискиот Исток, до источна Европа, вклучително Русија, Полска, Романија, Унгарија, Украина, па во западна Европа – Италија, Шпанија, Белгија, Австрија, Луксембург, Шведска, Данска и Швајцарија, до речиси секаде во соседството во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Црна Гора и во Грција.

Покрај овие веќе потврдени земји, преговорите продолжуваат и за другите земји што изразија интерес, како САД, Германија, Мексико и други. Агентот за продажба „Пирамид“ потенцира дека неверојатно добрите рекации на публиката во Берлин и добрите критики на светските критичари придонесоа за овој исклучително голем интерес од дистрибутерите, а повеќето од нив веќе го имаа откупено филмот и за време на самиот Берлински фестивал. Тие продолжуваат со работа на пласманот на филмот со учество на најголеми филмски маркети и фестивали по нивен избор во наредниот период. Како исклучителен филм, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ веќе е ексклузивен филм за отворање или затворање низа фестивали. „Пирамид“ исто така потенцира дека за секоја земја се потрудиле филмот да им биде продаден на навистина добри дистибутерски куќи.

Исклучително важно да се напомене е и дека „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ исто така ѝ е продаден и на телевизиската куќа ХБО (HBO), која ќе почне со прикажување кога ќе заврши светската кинодистрибуција.

Македонската публика е првата што ќе има можност да го гледа филмот во македонските киносали. Започнувајќи од денес, 14 март, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе почне да се прикажува во киното „Синеплекс“, со редовни проекции од 19.30 и 21 часот и свечената проекција во 20 часот, а наредниот ден, 15 март, во киното „Милениум“ со премиера од 20 и реприза од 22 часот и наредните денови во редовниот кинорепертоар.

Треба да знаете
Последни објави