Идното присуство на силите на НАТО во Авганистан ќе зависи од резултатите од преговорите што се водат меѓу САД и талибанците, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Според дипломатски извори, во текот на последната рунда преговори меѓу САД и авганистанските талибанци бил остварен извесен напредок, иако се уште не е постигнат никаков конечен договор.
Истите извори посочуваат дека е подготвен нацрт текст на договорот, со кој наводно се предвидува повлекување на американските војници од Авганистан, со тоа што талибанците би гарантирале дека по заминувањето на странските сили земјата нема да се претвори во „терористичка оаза”.
Столтенберг истакна дека во оваа фаза од преговорите се уште е рано да се зборува за резултатите од договорот.
На 16-дневната петтата рунда од американско-талибанските преговори, што заврши во вторникот во катарскиот главен Доха, главни теми беа барањето на САД талибанците да не ја користат територијата на Авганистан како база за напади врз други земји, како и инсистирањето на талибанските бунтовници за повлекување на странските сили од земјата.
Во текот на преговорите САД се обидуваа да ги убедат талибанците да прогласат прекин на огнот и да започнат преговори со властите во Кабул, кои талибанските бунтовници не ги признаваат и ги сметаат за американски марионетски режим.
Претставник на талибанците потврди дека САД вршеле притисок врз нив да прогласат прекин на огнот, но како што нагласи, талибанските преговарачи „биле јасни дека примирје може да биде прогласено дури откако ќе биде објавено повлекување на странските сили” од Авганистан.
Во моментов во Авганистан се наоѓаат околу 14.000 американски војници, кои се дел од Мисијата на НАТО за обука, помош и советување на авганистанските сили. Сепак, уште од 2001 година американските сили спроведуваат и воени операции против талибанците и други исламистички групи во Авганистан, што претставува најдолг воен конфликт во кој учествуваат припадници на Вооружените сили на САД.