Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани денеска се извини поради неговата изјава дека италијанскиот фашистички диктатор Бенито Мусолини „направил и некои позитивни работи”.
– Како убеден антифашист, им се извинувам на сите оние кои можеби беа навредени со она што го реков. Во ниту еден случај немав намера да го оправдам или банализирам тој антидемократски и тоталитарен режим, изјави Тајани, кој е член на конзервативната партија Форца Италија на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.
Тајани нагласи дека тој секогаш, без дискусија, истакнувал оти Мусолини и фашизмот се „најмрачното поглавје во историјата на минатиот век” и дека „Европа е изградена врз поразот на фашизмот и претставува најсилен бедем против каква било форма на тоталитаризам”.
Претседателот на Европарламентот беше изложен на жестоки критики откако синоќа во изјава за Радио 24 истакна дека Мусолини „направил и некои позитивни работи”, како подобрувањето на италијанската инфраструктура, се додека „не му објавил војна на целиот свет, следејќи го Хитлер” и додека не ги промовирал расните закони, со кои беа ограничени правата на Евреите.
– Јас не сум фашист, никогаш не сум бил фашист, но ако мораме да бидеме искрени, тој изградил патишта, мостови, згради, спортски објекти и ја поврати земјата (од мочуриштата). Кога правиме историска оценка, мора да бидете објективни, изјави Тајани за Радио 24.
Италија се бори со наследството на своето фашистичко минато и растот на популизмот, кои се сметаат за потсетник на режимот на Мусолини, која управуваше со земјата од 1922 до 1943 година.