Сопственикот на „Атлас груп”, Душко Кнежевиќ, по кого Црна Гора распиша потерница на Интерпол, најави дека ќе го тужи шефот на државата Мило Ѓукановиќ.
Кнежевиќ, кој во Црна Гора е баран поради наводни финансиски малверзации, изјави дека денеска ќе поднесе кривична пријава против претседателот на државата и лидерот на владејаќката партија ДПС. Тој за подгоричкиот портал Ин4С истакна дека ќе го обвини Ѓукановиќ оти е „лидер на организирана криминална група”.
– Тоа сигурно ќе предизвика политички потрес во Црна Гора, бидејќи ќе биде првпат некој да покрене кривична пријава против претседателот на државата дека е лидер на организирана криминална група, изјави Кнежевиќ.
Тој, како што се наведува, ги предупреди вработените во обвинителството и судството, „добро да водат сметка што прават и кој учествува во монтирани процеси и подметнување докази, како и изведување на лажни сведоци”. Кнежевиќ се надева дека неговата постапка дополнително ќе ги мотивира луѓето да излезат на протести.
Сопственикот на „Атлас груп” оцени дека заминувањето на Ѓукановиќ од власт ќе биде спас за Црна Гора. Ѓукановиќ повеќе пати досега ги демантирал сите обвинувања кои ги изнел Кнежевиќ против него и неговото семејство.
Црногорскиот претседател ги повика граѓаните кои учествуваат на протестите да бидат внимателни, за да не бидат злоупотребени во политички цели.