Заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски, кој денеска е во посета на Свети Николе ги коментираше настаните од 27-ми април, истакнувајќи дека сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ требало да се огради од насилниците, а истото тоа требала да го направи и кандидатот за претседател, Гордана Силјановска.
„За жал таа партија и нејзиното сегашно раководство, не смогнаа сила да го осудат тој чин, да се оградат од насилниците и да побараат извинување од сите Македонски граѓани. Уште полошо, кандидатот на таа партија за претседател на државата, го релативизираше настанот и рече дека некои други луѓе кои беа на страната на жртвите, требало да бидат процесуирани, а не насилниците кои посегнаа по животот на пратениците“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека како претседател, негова прва и основна задача, ќе биде да ги штити граѓаните и нивните права и слободи, како и жестоко да се спротивстава на секој обид ако некој сака тие права и слободи на граѓаните да ги лимитира или да ги одземе.
„Република Северна Македонија не може да оди напред и не може да биде третирана како демократска држава со луѓе кои сакаат да не вратат во мрачното минато и со луѓе кои немаат доблест да се извинат за она што партијата која сега ги предлага за највисоката функција во државата го има направено пред неколку години“, рече Пендаровски.