Во организација на Агенција за промоција и поддршка на туризмот и на меѓународниот саем за туризам „Place2Go”, Република Северна Македонија е прва земја партнер на овогодинешната самска манифестација што од 15-ти до 17-ти овој месец се одржува во Загреб, Хрватска.
На Саемот за туризам „Place2Go” има повеќе од 200 изложувачи, 90 штандови кои се очекува да ги посетат повеќе од 16.000 посетители.
Фокусот на Агенцијата за туризам, како што велат оттаму, во периодот што следи е зголемена промоција во земјите на Адриатик регија и токму затоа се одлучиле да станат земја партнер на овогодинешниот саем за туризам во Загреб.
Директорот на Агенцијата за туризам, Љупчо Јаневски во обраќањето на отварањето на саемот ги потенцирал пријателството на нашата земја со Хрватска, традиционалната соработка, разбирање и поддршка.
-Македонија во 2018 година е домаќин на повеќе од 24.000 гости од Хрватска и постојан годишен пораст на бројот на туристи од Хрватска од 50 отсто. Истата статистика важи и за бројот на ноќавања. Одличните ефекти од минатогодишните промотивни активности на АППТ на хрватскиот пазар и одличниот интерес за патување во нашата земја на хрватите не охрабрува и во 2019 година да очекуваме скок од 30 до 35 отсто хрватски туристи, се наведува во соопштението од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Оттаму велат дека очекуваат оваа година Република Северна Македонија да ја посетат 1,3 милиони туристи и што поблиску да се приближиме до четири милиони ноќевања, поминувајки ја бројката од 420 милиони долари девизен прилив од туризмот.
Македонскиот штанд на саемот беше посетен од хрватскиот министер за туризам, Гари Капели со кој нашите претставници размениле искуства за зголемена туристичка промоција меѓу двете земји.
Во оваа пригода градоначалникот на Загреб, Милан Бандич упатил честитки за одлуката Република Северна Македонија оваа година да биде земја партнер, затоа што, како што истакнал, соработката е важна, обезбедува развој и одржливост, а туризмот има клучна улога.
Штандот бил посетен и од Назиф Џафери вршител на работи при македонската амбасада во Загреб – Хрватска, како и македонските иселенички здруженија во Хрватска и директорот на Агенцијата за иселеништо, Никола Шалваринов.
Директорот на Агенцијата за туризам во оваа пригода одржал состанок со претставници на Кроација Ерлајнс, за отварање на нова авио линија Охрид-Загреб која се очекува да биде од следната 2020 година.
-Потребата од зголемена конекција реално е потребна, последователно во преговери се отварање двојно повеќе летови ва линијата Загреб – Скопје. Следеќи ги трендовите на промоцијата со блогери, влогери, медиуми, соработката меѓу Агенцијата за туризам и Кроација Ерлајнс продолжува во месец мај со организирање на информативно патување за 30 новинари и тур оператори од Хрватска низ нашата земја, стои во соопштението.
Од Агенцијата велат дека новинари, инфлуенсери и блогери од Хрватска, на панел дискусија со сите посетители ќе ги споделат своите искуства од нивното патување низ Македонија.
-Секоја земја има свој посебен идентитет и колку повеќе човек патува, толку повеќе има што да доживее. Патувањето низ Македонија е бесконечно искуство и затоа многу од нашите посетители се враќаат повеќе пати за да го посетат истото или некое друго место. Интересот за за кулинарските и винските рути низ нашата земја за хрватските патувачи е извонредно доживување, за нив следната дестинација оваа сезона ќе биде Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.
Интересот на приватниот сектор за зголемување на бизнис релациите со хрватскиот туристички пазар оваа година значително е зголемен и бројот на коегзибитори на оваа саемски манифестација е во рекорден број Енџој Македонија, Мацедонија Холидејс, хотел Парк од Скопје, хотел Меркур од Тетово, хотел Јуник Охрид, хотел Монтана Крушево, винарија Попова Кула и Охридски бисер Филеви.