Пендаровски и Заев се лице и опачина на истата паричка. За Пендаровски и за Заев не постои ниту устав, ниту закон, ниту право, ниту правдина, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на претседателскиот кандидат дека опозициската партија не се оградила од, како што рече, насилниците од 27 април, а Силјановска ја релативизирала целата ситуација.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека Пендаровски и Заев се нарачатели на политички монтираните процеси.
„Случајот 27 април, е политички монтиран процес, против сите неистомисленици на Зоран Заев. Според изреченото во пресудата нема ниту еден аргумент и доказ за делото за кое се товарат сега осудените. Чавков и останатите професионалци од МВР, како и граѓаните кои се осудени се жртва на политички прогон. Никаде во цивилизирана Европа не се притвораат луѓе два дена пред изрекување на пресудата и тоа врз основа на фингирана службена белешека“, се наведува во партиската реакција.
Во неа се додава дека Република Македонија само тоне, а, како што се вели, на удар на правосудните институции се сите неистомисленици на Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат дека потребна е масовна излезност на претстојните избори и победа на Гордана Силјановска – Давкова, што, според нив, ќе биде причина за распишување на предвремени парламентарни избори.