Напаѓачот на џамијата во Нов Зеланд, Брентон Терант, во изминатите неколку години, посетил повеќе земји во Југоисточна Европа, потврдија локалните власти и надлежните служби.
Најпрво се огласи бугарскиот државен обвинител, Сотир Цацаров, кој во петокот рече дека Терант престојувал во таа земја во 2018 година.
Цацров кажа дека Терант допатувал во Софија со лет од Дубаи и дека во Бугарија останал од 9 до 15 ноември, од каде патувал за Романија, па во Унгарија.
Според него, напаѓачот на џамијата во градот Крајстчрч во Нов Зеланд, Австралиецот Брентон Терант (28), истата година престојувал и во Црна Гора и во Србија, во периодот од 28 до 30 декември, пренесе новинската агенција БТА.
Цацаров додаде дека бугарската служба за безбедност соработува со колегите од Србија и Црна Гора во врска со овие посети на Австралиецот, но исто така и со агенции од САД, Нов Зеланд, Австралија и Обединетите Арапски Емирати.
Претстојот на напаѓачот од Нов Зеланд во својата земја денеска го потврди и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој рече дека Терант кон крајот на декември 2016 година и почетокот на 2017 година бил во Хрватска.
„Добив известување дека информациите за негов престој во Хрватска се точни и колку што успеав да видам, тој бил во земјава на крајот на декември 2016 и почетокот на 2017 година. Тоа е она што го знаеме во овој момент“, истакнал Пленковиќ.
Запрашан дали знае од која причина Терант бил во Хрватска, храватскиот премиер кажа дека службите работат на тоа. Според него, до нападот во Нов Зеланд оваа личност не била многу во фокусот на хрватските институции.
Од граничната полиција на Босна и Херцеговина за локалните медиуми потврдиле дека Австралиецот бил во неколкудневна посета и на оваа земја.
Во Турција тој престојувал во периодот меѓу 17 и 20 март 2016 година, како и од 13 септември до 25 октомври 2016, изјави неименуван висок претставник за турската телевизија ТРТ, додавајќи дека властите во Анкара се обидуваат да утврдат каде се движел во тој период.
Во терористичкиот напад на двете џамии во Нов Зеланд во градот Крајстчрч, во петокот беа убиени 49 лица, а десетици се повредени.