Словачка: Чапутова убедливо води, во вториот круг со Шефчович

Кандидатката на либералната партија „Прогресивна Словачка”, Зузана Чапутова, која ја критикува политиката на актуелната Влада, го освои со голема предност првото место на вчера одржаниот прв круг од претседателските избори во Словачка, покажуваат резултатите по преброени 99,88 отсто од гласовите.

Екоактивистката, која тврди дека граѓаните сакаат промена, освои 40,55 отсто од гласовите, а на второ место со 18,66 проценти се наоѓа 52-годишниот Марош Шефчович, потпретседател на Европската комисија, кој е поддржан од владејачката партија „Смер-социјална демократија” (СМЕР-СД).

Излезноста на вчерашните избори изнесувала 48,73 отсто.

Четириесет и пет годишната Чапутова им се заблагодари на сите словачки граѓани кои излегоа на изборите, која освен на словачки се обрати и на сите јазици на националните малцинства во земјата.

Според анкета на социолошката агенција „Фокус”, 64,6 отсто од оние кои планираат да излезат на вториот круг од изборите на 30 март ќе ја поддржат Чапутова. Актуелниот претседател Андреј Киска исто така ги повика гласачите преку Фејсбук да ја поддржат Чапутова.

Доколку победи Чапутова на изборите, таа ќе биде првата жена претседател на Словачка.

Треба да знаете
Последни објави