Српскиот претседател, Александар Вучиќ синоќа изјави дека мора да има разграничување меѓу Србите и Албанците на Косово, бидејќи, како што нагласи, половина свет смета дека границите се како до сега, а другата половина со тоа не се согласува.
„Важно е за иднината тоа да го направиме и тоа да се знае, како што е важно да научиме да живееме едни покрај други, а да не се тепаме“ рече Вучиќ.
Тој нагласи дека Србија е притисната од различни страни по прашањето за Косово и Метохија, но дека успева да „чекори по жица“.
Верувам дека и во Србија и во светот, рече српскиот претседател, ќе има доволно ум за да се разбере дека тоа е во интерес и за Србите и за Албанците.
Лидерите на опозициската коалиција „Сојуз за Србија“ (СЗС) во која учествуваат десет политички парии и движења, вчера со своите приврзаници ги блокираа сите влезови на зградата на Претседателството, барајќи заминување на актуелната власт, односно итна смена на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и претседателката на народното собрание и одржување на слободни избори на сите нивоа.