Рутинската проверка на опремата во базата на воздухопловни сили „Чунчеон“ во Јужна Кореја во понеделникот резултираше со случајно лансирање противавионски проектил кој потоа експлодирал во воздух, објави новинската агенција „Јонхап“, цитирајќи офицер од базата.
Според извештајот, ракетата „чеонгунг“ со среден дострел експлодирала околу 10:38 часот по локално време на околу 85 км североисточно од Сеул.
Ракетата е дизајнирана да експлодира во случај на проблем со системот за наведување по лансирањето, објаснува официјалниот претставник на воздухопловните сили. Несреќата не предизвикала жртви или материјална штета, а формирана е работна група за да се испита причината за незгодата.
Ракетата „чеонгунг“(КМ-САМ), која беше дизајнирана од Јужна Кореја со техничка поддршка од Русија, беше тестирана во мисијата со жива муниција кон крајот на 2017 година. Ракетата со должина од 4,5 метри може да погоди авион во опсег од 40 км и до надморска височина од 16 км.