Косовец бил уапсен во близина на ГП Блаце откако полицијата кај него пронашла 15 килограми марихуана.
Како што информира МВР, вчера околу 20 часот во реонот на ПС за граничен надзор „Блаце“, кај месноста Терминал, полицијата го уапсила Ф.Д.(33) од селото Пустеник, Косово, осомничен за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори.
Полицајците го забележале лицето како по илегален пат се движи од Косово кон Македонија. По претресот кај него, во вреќа биле пронајдени 14 пакувки со околу 15 килограми марихуана.
Уапсениот бил однесен во ПС Бит Пазар за понатамошна постапка, а дрогата била одземена и дадена на вештачење.