Најмалку 350 лица загинаа, стотина се водат за исчезнати, а над илјада се загрозени поради поплавите во Мозамбик, Зимбабве и Малави, по ударот н циклонот „Идаи“.
Спасувачките екипи се обидоа да ги спасат луѓето кои се искачија на покривите од куќите и дрвјата, чекајќи помош.
Од Мозамбик стигаат сцени на големи поплави кои загрозија десетици илјади семејства.
„Ова е најголемата хуманитарна криза во Мозамбик во поновата историја“, изјави шефот на спасувачката операција од Меѓународната фондација „Црвен крст“ и „Црвена полумесечина“, Џами Ле Суир.
Претседателот на Мозамбик, Филипе Њуси соопшти дека повеќе од 200 лица загинале во неговата земја, а најмалку 400.000 останале без своите домови, пренесе „АП“.
Во Зимбабве, во источната планинска област, на границата со Мозамбик, граѓаните се борат со последиците од оваа природна катастрофа.
Според последните податоци, во Зимбабве загинаа 98 лица, но се стравува дека ќе расте бројот на жртви.
Владата на Малавија досега ја потврди смртта за 56 лица, а три се водат за исчезнати. Повредени се 577 лица.
Обединетите Нации издвоија 20 милиони долари помош за Мозамбик, Зимбабве и Малави.