Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер денеска изјави дека е малку веројатно оти би можело да биде изнајдено решение за Брегзит за време на Самитот на ЕУ, што ќе се одржи утре и в петок во Брисел.
Јункер нагласи дека сега на потег е Лондон кој мора да ги претстави своите планови за истапување од Унијата, додавајќи дека рацете на останатите земји членки на ЕУ „се врзани” се додека Британците „не ги решат своите внатрешни проблеми”.
– Додека не дознаеме на што може да се согласи Велика Британија, не можеме да донесеме никакво решение, изјави Јункер.
Би-Би-Си, повикувајќи се на извори во Даунинг Стрит 10, јави дека британската премиерка Тереза Меј ќе побара од лидерите на ЕУ краткорочно одлагање на Брегзит, со цел да добие дополнително време за усвојување на Договорот за истапување на Велика Британија од страна на Парламентот во Лондон.
Извори во Брисел информираа дека лидерите на ЕУ очекуваат Лондон јасно да каже што сака да постигне со одлагањето на Брегзит, пред евентуално да го одобрат ваквото барање. Доколку лидерите на ЕУ не го одобрат барањето за одлагање на Брегзит, тогаш Велика Британија ќе треба да ја напушти Унијата согласно планираното на 29 март, без договор за меѓусебните односи.
Јункер останува на ставот дека Договорот за Брегзит што лани во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел по двегодишни преговори, е „последната понуда” на ЕУ.
– Не можеме да направиме ништо повеќе. Стигнавме до крајот на патот. Ако се разгледуваат нови сценарија, потребен ќе е нов пат, заклучи Јункер.
Во меѓу време, како што јави ДПА, ЕУ е во исчекување на официјалното барање на Лондон за одлагање на Брегзит, пред почетокот на утрешниот Самит.
– Засега не добивме барање од Велика Британија за продолжување на преговорите… Ние повторно ќе мораме да покажеме трпение, изјави неименуван официјален претставник на ЕУ.
Тој изрази надеж дека Лондон има план врз основа на кој ќе бара одлагање на Брегзит, за кој би се разговарало на претстојниот самит на ЕУ.