Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача денеска дека никој не е над законот и дека Косово има капацитети и храброст да се соочи со комплексни предизвици во јакнењето на правната држава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај коментарот го објави на својот Фејсбук профил по денешната средба со Високото ниво на владеење со правото, на која се расправало за улогата на институциите во земјата во нивното дејствување против неказнивоста.
– За да се искорени менталитетот дека некој е недопирлив инвестиравме во јакнењето на полицијата, обвинителството и судовите, ги сменивме и зајакнавме законите, а воведовме и нови казнени политики за највисоките профили. Свесни дека имаме уште работа за да покажеме дека постои политичка волја и решителност во воспоставувањето на правната држава, во етапата пред нас примарна цел на правниот систем треба да биде успешното завршување на сите отворени случаи и ефикасната борба против неказнивоста, напиша Харадинај.