Британската премиерка Тереза Меј му испрати писмо на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во кое формално бара пролонгирање на Брегзит до 30 јуни.
– Му пишав на претседателот на Европскиот совет за да го информирам дека Велика Британија бара продолжување на член 50 за период до 30 јуни, изјави денеска Меј.
– Не сакам долго одложување, рече таа, предупредувајќи го Парламентот долгото пролонгирање ќе значи дека Велика Британија треба да спроведе избори за Европарламентот во мај.
– Идејата, три години по гласањето за напуштање на ЕУ, да бараме од луѓето да избираат нови европратеници, верувам е неприфатлива, истакна британската премиерка.
– Како премиер јас нема да се подготвувам за одложување на Брегзит подолго од 30 јуни, категорична е Меј.
Во писмото до Туск, кое го објави Даунинг Стрит, Меј посочува дека во британскиот Парламент ќе побара уште едно гласање за договорот кој таа го склучи со ЕУ, а кој во два наврати беше одбиен во британскиот законодавен дом.
„Доколку биде прифатен предлогот, јас сум сигурна дека Парламентот ќе го ратификува договорот. Но тоа нема да може да заврши до 29 март”, посочи таа. „Поради тоа сакам да го информиран Европскиот совет дека Велика Британија бара продолжување на член 50 за периодот…до 30 јуни 2019 година”, напиша Меј.
Европскиот совет утре ќе го разгледува барањето на Меј и се очекува таа да образложи на кој начин одложувањето ќе помогне да биде одобрен договорот за излегување од ЕУ во британскиот Парламент.