Платите треба да се зголемат, но, природно, а не со наметнувања кои во турбулентни времиња приватниот сектор тешко може да ги издржи, смета Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК).
Како што рече денеска претседателот на ССК, Данела Арсовска, на редовната консултстивна средба со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и резидентниот претставник, Себастијан Соса, зголемувањето на платите треба да се спроведе преку национална стартегија со зацртани цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, обезбедување стабилен пласман на македонски производи и зголемување на бројот компании што извезуваат.
-Се соочуваме и со зголемена имиграција на младите и квалификувани кадри на пазарите во Западна Европа што дополнително ќе влијае на притисокот природно да се зголемат платите. Затоа да се наметнува вештачко зголемување на платите во услови на непродуктивност само ќе го зголеми преминувањето во неформалниот сектор, истакна Арсовска.
Според ССК, согласно анализите на меѓународните финансиски институции, доколку се прибегне кон зголемување на минимална плата, голема е веројатноста дека ќе се зголеми работата на црно на пазарот на труд.
На состанокот се дискутираше и за „сивата” економија. Последните податоци на меѓународните организации покажуваат дека во земјава секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори.
Арсовска се осврна и на важноста од владеењето на правото како клучен приоритет за инвестирање на компаниите во земјава. Беше констатирано дека е неопходно во изготвувањето на регулативата да бидат почитувани оние приниципи кои важат во ЕУ, а тоа е: сите засегнати страни да бидат конслултирани додека се подготвува законот и драфтирањето да е со широка јавна расправа која ќе трае од шест до девет месеци за да се изготви квалитетно решение што ќе може да се имплементира во пракса. Во овој контекст, според ССК, позитивен пример е предлог-законот за инспекциски надзор на Министерството за информатичко општество и администрација, кој е во собраниска процедура, со вклучени мислења и препораки од приватниот сектор.
Претседателката на ССК ја нагласи и важноста од спроведувањето на структурните економски реформи. Суштината, оцени, е да има континуитет во реформите, како и овозможување предвидливо деловно опкружување за приватниот сектор за компаниите со сигурност да креираат повеќегодишни планови и да не се воздржуваат од инвестиции.