Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска оствари заедничка средба со норвешкиот амбасадор Арне Санес Бјорнстад и шведскиот амбасадор во земјава Матс Стафансон, на која главна тема била поддршката за Северна Македонија за пристапување во ЕУ во рамки на Проектот Нордиски напредок.
На средбата, како што информираат од кабинетот на Османи, било разговарано и за теми поврзани со европската интеграција на земјава од аспект на зголемената финансиска помош за спроведување реформи и поддршка на политиките во земјата во пристапниот период.
– Норвешка и Шведска отсекогаш биле наши силни поддржувачи и пријателски земји, особено во поддршката на нашите стратешки цели и приоритети, како што е пристапувањето на земјава во ЕУ, и во таа смисла, задоволен сум од директната поддршка за најважниот процес во земјава во овој момент- пристапните преговори со ЕУ, како дел од целокупниот процес на европска интеграција, истакнал Османи, информираат од неговиот кабинет.
Во продолжение Османи реферирал во детали за поддршката која ја користи Секретаријатот во овој период, која е фокусирана на подготовка за спроведување на втората фаза од Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација (ССА), воспоставување на преговарачката структура, како и подобрување на транспарентноста на институцијата во однос на целокупниот процес на европска интеграција.
Минатата година, се наведува во соопштението, бил потпишан меморандум за разбирање помеѓу Северна Македонија и Норвешка со кој се обезбедува билатерална проектна соработка за поддршка на социо-економскиот развој, особено на неразвиените региони и процесот на европска интеграција на земјата од страна на Вицепремиерот Османи и Амбасадорот Бјорнстад, за финансиска поддршка на земјава во висина од над 3 милиони евра годишно, која претставува континуитет на билатералната соработка која трае над две децении.