Ова нема врска со правдата, е првата реакција на првиот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој денеска во Хаг беше осуден на доживотна затворска казна за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото направени во Босна и Херцеговина.
Оваа изјава ја пренесе адвокатот Горан Петрониевиќ, член на неговиот правен тим, кој беше присутен во судницата на изрекувањето на пресудата.
Адвокатот Питер Робинстон, пак, рече дека неговиот клиент чувствува морална одговорност за воените злосторства направени во текот на вооружениот судир. Но, како што рече, Караџиќ не се согласува со меѓународниот суд дека тој треба да сноси индивидуална кривична одговорност.
Робинсон рече дека Караџиќ е решен да ја продолжи борбата за да ја тргне стигмата од неговото име.
„Тој рече дека денеска политиката триумфира над правдата. Жалбениот совет премина преку неправедно судење и нефер пресуда“, додаде Робинсон.
Тој рече дека Караџиќ ги повикал своите приврзаници да не се впуштаат во какво било насилство.
Механизмот за меѓународни кривични судови (МИЦТ), наследник на Хашкиот трибунал, го осуди Караџиќ на доживотна затворка казна. Караџиќ во 2016 година првостепено беше осуден на 40 години затвор.