Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со новата директорка на Бордот на Директори на Македонија 2025, Вера Ставроф и новиот главен извршен директор, Проф. Никица Мојсоска Блажевски на којашто се разговараше за можностите на продлабочување на соработката во насока на поддршка на економскиот развој на земјата.
На средбата премиерот Заев ја посочи важноста на процесот на зачленувањето на Северна Македонија во НАТО како важен предуслов нашата земја да се позиционира како стабилна и долгорочна бизнис дестинација, и потенцираше дека првите резултати покажуваат рекордно високо ниво на странски директни инвестиции во 2018 од над 624 милиони евра. Премиерот Заев порача дека соработката со организацијата МК2025 во овој правец е значајна за промоција на земјата во светот, за привлекување на нови странски директни инвестиции, но и за изнаоѓање на нови пазари за нашите домашни компании и соработка којашто е значајна за размена на нови знаења и развој на нови вештини.
„Со бизнис заедницата во нашата земја и во дијаспората Владата на Република Северна Македонија има намера да ја продлабочува соработката и во тој правец започнуваме да работиме на реализација на конкретни проекти и развој на нови идеи кои ќе ја унапредат економската соработка и ќе бидат од корист за граѓаните на Република Северна Македонија. Вашата организација преку своите програми и стипендии за поддршка придонесува за обуки и тренинг на нови кадри, тоа се млади луѓе од нашата земја кои понатаму помагаат и придонесуваат во нашата земја и во целокупниот развој на нашата економија. Тоа е значајно, вашите цели се во линија со нашите долгорочни цели за економски развој, имаме огромен потенцијал за соработка кој треба во целост да го искористиме“, соопшти премиерот Заев.
На средбата се зборуваше и за потенцијалите на економски раст што ги поседува Република Северна Македонија кои може да бидат ставени во функција преку привлекување на нови инвестиции во овие сектори за што е значајно продлабочување на соработката со оваа организација за промоција на деловната клима во нашата земја и привлекување на нови инвестиции, како и за градење на партнерски однос и релации со бизнис заедницата во дијаспората.