Зголемувањето на минималната плата треба да биде предизвикано од пазарните сили, а не со владин декрет

АНАЛИЗА НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ВО ИЗБРАНИ ЗЕМЈИ

 Ѓунтер Мерџан

Кристијан Кожески

 

Во последно време поставеноста на минималната плата, ефектите и последиците од истата се предмет на далекусежна дебата во академските кругови, меѓу креаторите на економските политики и бизнис заедницата. Со цел да се добие пореална слика за поставеноста на минималната плата ќе се направи краток приказ на последните законски измени на минималната плата во Македонија, понатаму преку компарација на минималните плати во земјите од регионот ќе се анализира каде се наоѓа Македонија во споредба со земјите од регионот.

Започнувајќи од септември 2017 година со одлука на Владата беше утврден законски најнискиот износ на плата што може да биде исплатен по работник. Во оваа насока треба да се истакне дека законски утврденото минимално ниво на плата доживеа пораст, минималната плата се искачи од 10.080 денари на 12.000 денари во нето износ. Понатаму, треба да се истакне дека  последните измени на законот за минимална плата придонесоа за унифицирање на нивото на минимална плата на ниво на сите сектори во стопанството, што не беше случај претходно кога минималната плата имаше секторски третман. Тоа значи дека со законот се претпоставуваше работниците кои работеа во  текстилната, кожарската и чевларската индустрија да примаат минимални плати во износ од 7.500 денари во 2014 година, 8.050 денари во 2015, 9.000 денари во 2016, 9.590 денари во 2017, 10.080 денари во 2018 година, со последните законски измени се изедначуваат на ниво од 12.000 денари.

Исто така со последните законски измени започна и усогласувањето на минималната плата со една третина од порастот на просечно исплатената плата во Македонија, една третина од порастот на индексот на трошоци за живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година. Промените кои значеа воведување на нормиран учинок беа прогласени за неуставни во април 2018 година. Со измените на законот на минимална плата се воведе и финансиска помош од 500 до 2.000 денари по вработен во првите шест месеци, а потоа износот се преполуваше во наредните шест месеци. Сепак, иако владата со ребалансот на Буџетот од септември 2017 година издвои 4,4 милиони евра финансиска субвенција за зголемувањето на минималната плата, сепак овие средства беа искористени само во висина од 15%.

Споредба на минималните плати во избрани земји

Не постои стриктно утврдена граница за тоа колку работници е оптимално да бидат зафатени со минималната плата. Во секоја земја оптималниот процент треба да се утврди преку социјален дијалог помеѓу засегнатите страни земајќи го предвид влијанието на минималната плата врз другите плати и другите економски фактори во земјата.

Во високо развиените земји од ЕУ (Франција, Белгија, Холандија) се проценува дека релативно мал дел (под 10%) од вработените земаат минимална плата. Највисок процент на приматели на минималната плата во 2017 година е забележан во Грција (околу 35%). Во Македонија, околу 130.000 вработени се опфатени со минималната плата, а најголем дел од нив се вработени во текстилната и кожарската индустрија.

На графиконот бр. 1. се дадени нивоата на законско утврдените минимални плати во одредени земји членки на ЕУ, како и во одредени земји од Западен Балкан. Забележуваме дека минималната плата утврдена со закон во Словенија изнесува 804 евра, во Грција – 586 евра, додека, пак, во Естонија и Хрватска имаат законски минимални плати од 470 и 436 евра, респективно. Во Македонија со последните законски измени минималната плата се утврди на нивото од 200 евра. Минимална плата од 183 евра се забележува во Србија, а во Албанија истата се утврдила на ниво од 175 евра.

Според последните податоци на Eurostat најниска минимална плата помеѓу земјите членки на ЕУ има Бугарија (235 евра), а највисока минимална плата има Луксембург. Најниската минимална плата во ЕУ е скоро 8 пати помала од највисоката минимална плата во рамките на Унијата.

Од графиконот бр. 2. може да се забележи дека соодносот на минималната плата со просечната плата во избраните земји се движи во распон од 42% до 51%. Но, ваквата пропорција треба да се толкува внимателно пред сè поради фактот што апсолутните износи на плата може во голема мера да се разликуваат помеѓу земјите иако релативниот однос може да резултира со приближни пропорции.

Ваквата поставеност на минималната плата отвора низа дилеми и контроверзии. Се поставува прашањето кои ефекти ќе преовладуваат од понатамошното зголемување на минималната плата. Во кој степен може да се констатира дека ефектите од минималната плата се повеќедимензионални, а нивната ефикасност пред сѐ зависи од нивото на минималната плата. Креаторите на економските политики треба  да се крајно претпазливи во понатамошните модификации на минималната плата.

Компаниите кои функционираат во дејностите каде што нивото на продуктивност на работниците е далеку пониско од просечното ниво на продуктивносста на трудот се директно засегнати од зголемувањето на минималната плата, што може да доведе до директно поткопување на ефективноста на работењето на фирмите. Како наредена дилема која се јавува од понатамошното зголемување на минималната плата е појавата на сива економија, која сериозно би ги нарушила работничките права и би продуцирала негативни ефекти врз развојот на одржливи претпријатија. Во одлуката за понатамошно зголемување на минималната плата треба да биде анализиран и т.н. ефект на прелевање, односно влијанието на минималата плата врз просечната плата во економијата. Ефектот на прелевање пред се треба да се анализира врз платите во јавниот сектор. Доколку се има предвид дека надоместоците за плата во јавниот сектор се значаен издаток од централниот буџет анализата на оваа каузална врска станува објективна нужност.

За крај треба да се истакне дека зголемувањето на минималната плата треба да биде предизвикано од страна на  пазарните сили и од растот на продуктивноста на работниците, а не со владин декрет.

Треба да знаете
Последни објави