„Голанската Висорамнина е окупирана од Израел во 1967 година. Франција не ја признава анексијата на Израел од 1981 година”, се вели во дневниот брифинг на францускиот шеф на дипломатија, во кој се додава дека резолуциите на Советот за безбедност на ОН ја потврдуваат анексијата како незаконска, пренесува „Спутник“.
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп напиша на Твитер дека сега е време САД да ја препознаат Голанската Висорамнина како дел од Израел. Според него, дојдено е време да се направи таков чекор во интерес на безбедноста на Израел и регионот како целина.
Ист став со францускиот изрази и портпаролката на германската влада, која рече дека Голанската Висорамнина е сириска територија што ја зазел Израел.
„Ако треба да се сменат националните граници, тоа мора да се направи со мирни средства меѓу сите инволвирани. Германската влада ги отфрла едностраните чекори”, рече портпаролката Улрике Демер.
Претходно истиот ден, Европската Унија истакна дека не го признава суверенитетот на Израел над Голан.
„Позицијата на ЕУ не е променета”, рече портпаролката на ЕУ. “Европската Унија, во согласност со меѓународното право, не го признава израелскиот суверенитет над териториите окупирани од Израел од јуни 1967 година, вклучувајќи ја и Голанската Висорамнина, и не ги смета за дел од територија на Израел”.
Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, денеска изјави дека земјите-членки на Организацијата за исламска соработка (ОИК) ја осудуваат неодамнешната изјава на Трамп за потребата целосно да се признае сувереноста на Израел над Голан. Голанската Висорамнина, што Сирија ја смета за дел од својата територија, беше окупирана од Израел за време на Шестдневната војна во 1967 година. Тела Авив дури во 1981 година формално ја припои областа, но ОН не ја признаа анексијата.