Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во Сочи побара од Русија да прекине се поддршката на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
На заедничката прес-конференција со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по нивната средба, Помпео изјави дека Мадуро „не му донел ништо друго на венецуелскиот народ освен мизерија”.
– Се надеваме дека поддршката на Русија за Мадуро ќе прекине, изјави Помпео.
Тој нагласи дека САД сакаат „сите земји што се мешаат во Венецуела, да престанат да го прават тоа” и во оваа латиноамериканска држава да се врати демократија.
– Таму се потребни слободни и фер избори, без мешање на која било друга држава, порача Помпео.
Лавров од своја страна порача дека заканите од страна на американската Администрација кон венецуелските власти „немаат никаква врска со демократијата”.
– Американската интервенција за демократија во Ирак и Либија во првата деценија на овој век не донесе ништо добро, истакна Лавров на заедничката прес-конференција со Помпео.