Британската премиерка, Тереза Меј, е соочена со зголемен притисок од нејзината партија да поднесе оставка или да одреди датум за оставка со цел обезбедување на поддршка за нејзиниот план за брегзит.
Британските медиуми пренесуваат дека денеска високи функционери од Конзервативната партија ја повикале Меј да ја признае ослабената политичка позиција и да си поднесе оставка.
„Сандеј Тајмс“ пишува дека оставка од Меј побарале 11 министри во владата.
Премиерката ја навести можноста пратениците трет пат да го гласаат договорот кој Лондон и Брисел го постигнаа за излез на Британија од Европската Унија.
Неколку стотици илјади луѓе се собраа на улиците во Лондон, барајќи нов референдум околу излезот на Велика Британија од Унијата.
Доколку парламентот го прифати договорот, брегзитот би требало да почне на 22 мај, а во случај на одбивање на договорот, брегзитот ќе почне порано на 12 април.