Дванаесетчлено семејство од беровско Русиново остана без семејната куќа откако таа целосно изгоре во пожар што избувна синоќа во два часот по полноќ. Траорна беше денеска глетката пред домот на ова семејство каде се уште чадеше од синоќешниот пожар.
Пожарот прв го забележал Александар Мирчевски кој за МИА изјави дека тој најпрво започнал од подрумот.
– Околу два часот по полноќ сите спиевме. Јас почувствував дека некаде гори, станав, видов дека гори во подрумот, а во собите има пламен. Веднаш се јавив кај брат ми, излеговме надвор и веќе огнот гореше на вториот кат. Соседите ги повикавме на помош и се јавивме во противпожарната станица. Пожарникарите дојдоа за кратко време и се приклучија во акцијата за гаснење и спасување на тоа што се спаси. Во куќата беа брат ми, снаа ми, неговите и моите деца, а баба ми живее на долниот кат. Успеавме некако сите да излеземе без да има жртви, истакна Мирчевски.
Братот на Александар, Здравко Мирчовски кој исто така живее во куќата апелира за хуманост од страна на граѓаните.
– Кој може да донира да помогне, едноставно сме на улица, децата и внучињата се кај роднини, таму ќе бидат преку ден, а вечер каде ќе се сместиме, е дополнителен проблем. Сликата ја гледате, се е кажано, вели Мирчовски.
Градоначалникот на општината меѓу првите пристигна на местото и изјави дека веднаш ќе биде ангажирано комуналното претпријатие и градежна механизација за расчистување на остатоците од опожарената куќа.