Израелско-британскиот илузионист Ури Гелер ѝ порача на британската премиерка Тереза Меј дека нема да дозволи Велика Британија да излезе од Европската Унија и дека за таа цел ќе употреби и телепатија врз неа самата.
Во отворено писмо до Меј, тој нагласува дека „физички и доста силно” чувствува дека мнозинството Британци се против Брегзит.
– Многу ми се допаѓате, но нема да Ви дозволам да ја одведете Британија в Брегзит. Без обѕир колку Ви се восхитувам, телепатски ќе Ве запрам и, верувајте ми, јас можам тоа да го изведам, истакна Гелер.
Илузионистот кој сега живее во Израел, а живеел и на Островот, посочи дека ја знае премиерката 21 година и дека таа била и гостин во неговата куќа, како и дека три години пред да стане премиерка, тој го предвидел тоа.
Според „Гардијан”, британското разузнавање ги тестирале моќите и телепатските способности на Гелер, кој инаку во јавноста најпознат по виткањето лажици.