Претставници на невладините и граѓанските организации и денеска на продолжението на јавната расправа по Предлог законот за социјална заштита одржана на седница на собраниската Комисија за труд и социјална политика побараа негово итно донесување, со цел како што посочија да почне да се проведува социјалната реформа. Голем дел од нив и денеска искажаа забелешки на законот, но како што беше посочено од некои од нив, од некаде мора да се почне со цел да се овозможи социјално општество и инклузија на ранливите категории лица.
Во дискусиите тие забележаа дека сумата за паричен надоместок за лица со попреченост би требало да е поголема, дека персоналната асистенција како новина е добра, но оти не нуди целосно решение, бидејќи на голем дел од лицата со попреченост им е потребна постојана помош и поддршка. Побараа да се размислува родителите на децата со попреченост да можат да бидат нивни персонални асистенти и наместо да работат со скратено време да бидат постојано со своите деца оти во периодот кога се отсутни од дома нема кој да се грижи за нив.
Исто така, според нив потребно е и намалување на административните постапки и прегледите за категоризација особено кај лица кои се со траен инвалидитет, целосно ослободување од партиципација и поголеми можности за рехабилитација и поголема поддршка од државата за набавка на ортопедски помагала. Проблем се и ниски инвалидски пензии кои на луѓето со инвалидност не им овозможува да бидат сместени во домови, во услови кога нема кој да се грижи за нив.
Дел од претставниците на граѓанските организации пак сметаат дека иако можеби законот не е најидеален, сепак со него по 30 години се почнува реформа која треба да го смени социјалниот систем и да овозможи формирање социјално општество кое ќе се грижи за сите граѓани подеднакво. Овој закон, велат, треба да се донесе што побрзо, а пред тоа да бидат прифатени одредени забелешки доколку за тоа има простор.
Според Елизабета Божиновска од ХЕРА овој закон треба да се гледа заедно со законите за детска заштита и образовен додаток, бидејќи на тој начин се заокружува реформата. Тоа е закон, рече таа, кој не засега сите, затоа што било кој од нас може да се најде во одредена ранлива категорија во одреден период од животот.
Битен елемент, како што вели, е активирањето на локалната самоуправа, која ќе мора да предвиди социјални сервиси за граѓаните во зависност од потребите на ранливите категории граѓани кои живеат на нивните територии.
Вангел Тркаљанов, советник во Кабинетот на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, кој и самиот е лице со попреченост, вели, дека овој закон нуди многу нови услуги и можности кои досега ги немало. Покрај социјалните услуги и финансиска поддршка на лицата со попреченост, тој ќе ја зголеми социјалната парична помош од државата, но ќе овозможи поголема вработливост на невработените лица. Се воведува рече тој, и социјална пензија за лица кои немаат ниту еден ден стаж.
Овој закон, рече тој, треба да овозможи правичност, односно сите граѓани да имаат еднакви права и да се овозможи поголема инклузивност на социјално ранливите категории и лицата со попреченост.