Економските имигранти решение за демографската стагнација на Словенија

Словенија, поради демографска стагнација, се повеќе станува старо општество, бидејќи животниот век се продолжува, а стапката на фертилитет не го достигна просекот на репродукција во Европската унија.

– Имаме тешкотии со обновувањето на популацијата, мора да продолжиме да бараме решение, изјави словенечкиот претседател Борут Пахор на советување за демографските трендови и стареење на населението.

Економистот Јанез Малачич, експерт за демографски прашања, рече дека поради ниската стапка на фертилитет доаѓа до брзо стареење на населението. Според него, едно од решенијата би била миграцијата.

Тој предупреди дека во тој случај треба да се води политика на доселување квалификувана работна сила и стручњаци.

Според статистиката што минатата година ја објави Европската комисија, трошоците за постарото население и долготрајната социјална и здравствена заштита во Словенија до 2070 година ќе се зголемат од сегашните 22 отсто на бруто домашниот производ на преку 28 отсто.

Според последните статистички податоци, дел од населението од 20 до 64 години, кое во 2016 година изнесуваше 62,2 отсто, веќе во 2030 година ќе падне на 55,6 отсто, додека делот на постари од 65 години ќе порасне од 18,4 на 24,8 отсто.

Треба да знаете
Последни објави