Германија мора строго да внимава на децата на исламистите под 14-годишна возраст кои се под ризик да бидат индоктринирани од своите родители, посочи германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зихофер, за што беше жестоко критикуван, пренесува РТ.
Агенцијата за домашна безбедност (БФВ) треба да биде способна да ги акумулира разузнавачките информации за децата чии родители ја напуштиле Германија и им се приклучиле на исламистичките групи на Блискиот Исток, се вели во документот за политики изработен во име на Зихофер, кој беше објавен во „Ди велт“.
Постојните закони забрануваат складирање такви податоци за лица кои се уште не се навршиле 14 години, па затоа документот на Зихофер бара амандман со цел да се подготви за ризикот од враќање на децата во земјата. Тие би можеле да скројат заговор за терористички напади или да ја шират исламистичката идеологија.
„Се повеќе деца и млади луѓе се наоѓаат во џихадистичка средина”, вели Ханс-Георг Енгелке, државен секретар во министерството.
Тој вели дека има значителен број малолетници кои сега се во Сирија и чии германски родители се сметаат за закана за безбедноста.
„Овие деца може да се вратат”, предупреди тој.
Одделно, Министерството за внатрешни работи бараше дозвола за спроведување онлајн пребарувања, прислушување компјутери, паметни телефони или други уреди, како и шифрирани разговори и говорни пораки.
Документот,во кој се дискутира за запознавање на БфВ со актуелните безбедносни предизвици, беше дистрибуиран меѓу останатите владини агенции за коментар. Меѓутоа, на некои од нив не им се допаѓа предлогот на Зихофер.
Министерот за правда, Катарина Бејли, се спротивстави на предлогот, тврдејќи дека нема смисла да му се даваат повеќе овластувања за надзор на БФВ. Исто така, германската Асоцијација за заштита на децата (ДКСБ) рече дека ставањето под надзор на деца помлади од 14 години е незаконско.
„Децата никогаш не се сторители за мене, барем не оние помали од 14 години”, рече Хајнц Хилгерс, претседател на ДКСБ.
Зихофер не е првиот официјален претставник кој се залага за поставување под надзор на малолетници и деца поврзани со исламисти. Минатата година Ханс-Георг Маасен, тогашниот директор на БфВ, разговараше за слична идеја, предупредувајќи за децата на кои им биле „испрани мозоците“ во училиштата и градинките на Исламска држава.
Сепак, тој во тоа време изјави дека само мал број од 290 деца и мали деца кои ја напуштиле Германија или се родени во Сирија или во Ирак досега се вратиле во земјата.