Десеттина пациенти изминатите години побарале да им биде извршена евтаназија во Клиничкиот центар, но таа не е применета. Тое е тешка одлука со која мора да се соочи семејството. Според Кривичниот законик евтаназијата е убиство од благородни побуди и предвидена е казна до пет години затвор за лицето кое ќе ја изврши.
Ова денеска го истакнаа учесниците на трибината на тема „Евтаназија: Биоетички, психолошки, правни и медицински дилеми” што се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.
Проф.д-р Ана Фрицханд од Институтот за психологија рече дека секој пациент има право да избере дали ќе живее, колку ќе живее и како ќе живее или можеби сака да го прекине страдањето и тоа треба да се земе предвид. Но, посочи, се поставува и прашањето колку таквата одлука е свесно донесена или е донесена во момент на силни неиздржливи болки што не можат да се поднесат.
– Можеби таквата моментална здравствена состојба ја менува и состојбата на свеста, па не можат рационално да се размислува и да се донесуваат рационални одлуки. Во принцип надежта секогаш постои и правото на живот секогаш постои. Тоа е една тешка одлука со која мора да се соочи и семејството, затоа што тие се оние кои остануваат да живеат по смртта и кои треба да се носат со тоа дека можеби поддржале нешто заради тоа што тоа било желба на болниот…и како тоа ќе им се објасни на децата, потенцира проф.д-р Фрицханд.
Потенцира дека една е позицијата на пациентот, кој бара да му биде извршена евтаназија, а другата е позицијата на неговите најблиски кои треба да ја поддржат или да не ја поддржат одлуката на пациентот. Според неа, за среќа кај нас не е дозволена евтаназијата. Таа појасни дека предност дава на животот и на надежта за подобрување до последен момент.
– Ние никогаш не сме сами, но секогаш сами умираме. Колку и да се блиските покрај нас, смртта е нешто што е на крајот на краиштата само лично, додаде проф.д-р Фрицханд.
Проф.д-р Аспазија Софијанова од Клиниката за детски болести истакна дека има етичка комисија во рамки на клиниките, каде има оддели за интензивна терапија, која го разгледува случајот од сите агли, што е причината за таа состојба во која се наоѓа пациентот, а одредувањето на одредувањето на крајот на животот е нешто што е природна работа.
– Досега ние не сме се одлучиле воопшто. Јас сум била во позиција за такво нешто, меѓутоа не сум се одлучила никогаш. Верувајте само едно копче треба да се притисне за да се заврши тој живот, но која е совеста што ќе го притисне. Можеби треба да размислуваме само таму каде има мозочна смрт. Тоа се пациенти кои потоа се подложни на евентуално натамошно дополнително давање органи. Меѓу возрасните пациенти сме имале и такви кои бараат евтаназија, но не сме ја примениле. Јас 30 години сум на Клиниката. Десеттина пациенти побарале да им биде извршена евтаназија, рече проф.д-р Софијанова.
Проф.д-р Никола Тупанчевски од Правниот факултет „Јустинијан Први” рече дека според некои, евтаназијата е добра или слатка смрт, што е погрешен превод од англиски јазик, наспроти онаа блага смрт во смисла на благовестие.
– Побарав малку статистика за тоа дали има случај на евтаназија во државава, но графата е празна. Дали тоа значи дека нема евтаназија конклудентно, или ние правниците го велиме тоа темна бројка на криминалитет. Значи го има, но правно го нема. Нема држава во која што нема, меѓутоа правно ефектуирана не постои. Според Кривичниот законик евтаназијата е убиство од благородни побуди. Станува збор за привилегирано убиство. Предвидена е казна до пет години затвор за лицето кое ќе ја изврши евтаназијата. Затоа влегува во убиства и за жал не остава простор законодавецот да има дискрециско право некој кој од благородни побуди би сакал да му помогне на лицето кое е безнадежно или е болно од неизлечлива болест. Постои таканаречен евтаназија туризам, рече проф.д-р Тупанчевски.
Додаде дека евтаназијата е легализирана во Швајцарија, Холандија, но и во Белгија, каде е дозволена евтаназија и на деца. Евтаназијата е легализирана во повеќе американски држави како и во Австралија.
Претседателот на Центарот за интегративна биоетика, проф.д-р Дејан Донев рече дека благодарение на напредокот на полето на медицинската технологија денеска постојат многу сложени терапии против ракот што го продолжуваат животот, но не ја намалуваат смртноста. Додаде дека поканиле на трибината и претставник на религијата, но не добиле повратен одговор.