На иницијатива на Управата за финансиско разунавање во просториите на Нотарската комора денеска е потпишан Меморандум за соработка помеѓу овие две институции.
Меморандумот има за цел, уредување на соработката помеѓу Нотарската комора и Управата во полето на спречување перење пари и финансирање тероризам, врз основа на надлежностите и овластувањата што произлегуваат од законската регулатива што ја регулира материјата за спречување перење пари и финансирање тероризам, законската регулатива што го регулира работењето на нотарите, Националната стратегија за борба против перењето пари и финансирање на тероризмот и меѓународните стандарди.
На потпишувањето на Меморандумот присуствуваше делегација на Управата за финансиско разузнавање предводена од директорот, Блажо Трендафилов и делегација на Нотарската комора предводена од претседателот, Васил Кузманоски.
-Со потпишувањето на Меморандумот, не само во пракса, туку и на хартија се запиша и потврди досегашната успешна институционална соработка помеѓу Комората и Управата. Овој Меморандум, покрај законските обврски што нотарите како субјекти ги имаат согласно Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, уредува и доста позитивни аспекти кои одат во прилог на продлабочување на досегашната соработка со цел за доследно почитување и примена на законската регулатива на материјата за спречување перење пари и финансирање тероризам, се наведува во соопштението од Нотарската комора.
Почнувајќи од 2004 година, кога нотарите ја добија улогата на субјекти активно вклучени во борбата за спречување перење пари па се до денес, успешно ја остваруваат својата задача и даваат значаен придонес за унапредување на функционалноста на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам и зголемување на неговата ефикасност. Сето ова е резултат на успешното долгогодишно залагање и соработка меѓу Управата и Комората, кои преку своите надлежни органи заеднички ги решаваат сите спорни прашања што се појавуваат во нотарското работење.
-Улогата на нотарите во борбата за спречување перење пари, моментално е најактуелна тема и на глобално ниво, па на сите случувања организирани од страна на органите на Меѓународната унија на латинските нотаријати, главниот акцент се дава токму на оваа тематика, поради што нотарите како едни од најзначајните субјекти мора активно да бидат вклучени и со поддршка на Управата, како деловни партнери да придонесат за делотворно спроведување на политиката, целите, мерките и дејствијата против перењето пари, се со цел за остварување на залагањата на Република Македонија во борбата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, што ќе ја приближи и изедначи со сите европски земји водечки на овој план, се наведува во соопштението.
Денешниот повод беше искористен за разгледување и размена на мислења за одредени актуелни прашања, што непосредно се однесуваат на улогата, овластувањата и обврските на нотарите во борбата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.