Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери денеска оствари средба со генералниот секретар на Јадранско-јонската иницијатива амбасадорот Џовани Кастеланета, придружуван од членови на Секретаријатот и генерален директор за мултилатерални прашања во МНР на Црна Гора Иван Иванишевиќ, во функција на земја претседавач со Иницијативата.
Џафери, како што информираат од неговиот кабинет, истакнал дека долгодогишната заложба за членство на земјата во оваа иницијатива, по надминувањето на спорот со Република Грција, стана реалност и тој е првиот претседател на Собранието на Република Северна Македонија кој учествувал на состанок на претседатели на парламенти во Црна Гора, пред неколку недели.
На средбата, Џафери, исто така, ги информирал соговорниците дека сите институции во земјата посветено работеле на зајакнување на регионалната соработка и негувањето на добрососедските односи и на надминувањето на сите отворени прашања, кои се во насока на промена на перцепцијата за регионот како буре-барут и генератор на конфликти.
-Членството во овие инцијативи придонесува за поголема регионална поврзаност, но и за поголема политичка и економска стабилност. Имајќи предвид дека меѓу приоритетните области на иницијативата се туризмот и културата кои им овозможуваат на земјите поблиску да се запознаат и заемно да соработуваат, остануваме отворени за соработка во сите области од заеднички интерес со сите земји членки, посочил Џафери.
Амбасадорот Кастеланета, информираат од собраниската прес-служба, упатил честитки за членството на земјата во Јадранско-јонската иницијатива, изразувајќи очекување за потесна соработка, пренесување на искуства, поддршка и споделување на културата од страна на Република Северна Македонија со другите земји од Иницијативата.
За нив, според Кастеланета, значаен сегмент има парламентарната соработка, бидејќи парламентите служат како линк за поврзување со граѓаните. Тој ја понудил нивната помош за владата и за администрацијата на Република Северна Македонија, со цел земјата да може да ги исполни своите обврски и да биде контструктивен партнер во рамките на Иницијативата.
На средбата, исто така, било разговарано и за актуелните процеси во Собранието на Република Северна Македонија, во контекст на членството во НАТО и во однос на подготовките во очекувањето на официјален датум за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија.