Во рамките на координираните активности со Инспекторатот на Градот Скопје, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје во текот на вчерашниот ден започнаа акција за чистење огромно количество отпад лоциран во приватен двор на улицата Блажо Орландиќ, во скопската населба Лисиче.
Досега се подигнати и транспортирани приближно дваесет кубни метри кабаст и мешан комунален отпад, а активностите ќе продолжат и во текот на претстојните неколку дена, сè додека локацијата не биде исчистена во целост.
Во расчистувањето на дивата депонија дневно се ангажирани по десет работници на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, отпадот се подигнува со втоварувач, а се транспортира со три специјални комунални возила.
ЈП „Комунална хигиена“-Скопје и во оваа прилика ги информира граѓаните дека одлагањето на отпадот надвор од поставените садови претставува прекршување на Законот за јавна чистота и истовремено директно влијае врз загадувањето на животната околина.