Водичот за секс и за врски за мигрантите во Шведска се покажа изненадувачки популарен надвор од границите на скандинавските земји, особено на Блискиот Исток, објави Шведското Радио.
Веб-страницата youmo.se беше лансирана на барање на шведската влада и нуди информации поврзани со сексот за младите луѓе на возраст од 13 до 20 години кои се доселиле во Шведска. Таа опфаќа широк спектар теми кои се движат од анатомија, физичко и ментално здравје до сексуално преносливи болести, сексуален напад, присилен брак, обрежување и осакатување на женски гениталии, правата на ЛГБТ и истополови врски.
Целата содржина е достапна на неколку јазици што се најпопуларни меѓу новодојдените, вклучувајќи и арапски, сомалиски и дари, авганистанската верзија на персиски, како и на англиски и поедноставен шведски. Делот „Прашања и одговори“ опфаќа теми како што се порнографијата и мастурбацијата.
Минатата година, огромното мнозинство посети на страницата (80 отсто) биле од странство, според компанијата „Инера”, која ја опслужува веб-страницата во име на Шведската агенција за млади и општество (МУЦФ).
Само Иран лани имало 200.000 посетители, двојно повеќе од Шведска. Многу посети биле од САД, Египет, Саудиска Арабија, Германија, Велика Британија, Ирак и од Алжир.
„Имаме многу посети на страниците за структурата на гениталиите, кои се различните делови од органите и како функционираат. Најпосетената страница на сите е онаа за вагината, на арапски јазик. Има добри фотографии за тоа како изгледа “, објасни Лота Норд Рубулис од „Инера“.
Друга најчесто посетена страница е „Што е ОК секс?” која нуди различни прифатливи сценарија, како што се сексуалните фантазии или барањето разголени фотографии како и изразувањето согласност.
Минатата година шведската влада намени 3,7 милиони шведски круни за сексуално образование за новите мигранти. Парите требаше да бидат дистрибуирани од страна на Шведската асоцијација за сексуално образование за производство на едукативни филмови на различни јазици и на различни теми, како и наменски образовни проекти, објави Шведското Радио.