Бројот на невработени во Германија достигна најниско ниво од 1991 година, а стапката на невработеност падна на 5,1 отсто, соопшти денеска Сојузната агенција за вработување во Нирнберг.
-И покрај ослабениот економски раст, пазарот на трудот се уште се развива во позитивна насока, изјави шефот на Сојузната агенција за вработување Детлеф Шеле, при презентацијата на најновите статистички податоци за невработените за месец март.
Во споредба со февруари, во март се евидентирани 72.000 помалку невработени лица, а во споредба со март минатата година во Германија има 157.000 помалку невработени лица.
Шеле го истакна фактот дека бројот на вработени со полно работно време се зголемил за повеќе од 660.000 во споредба со минатата година.
Најмногу слободни работни места се забележани во секторите за градежништво, јавна администрација, малопродажба и здравство.
Намален е и бројот на луѓе кои не работат, но поради мерките како што е преквалификација, тие не влегуваат во статистиката на невработените.