На малите и средните претпријатија во земјава преку програма на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) им е достапна грантова шема составена од кредит и грант во вкупен износ од 36 милиони евра, како и техничка помош за подобрување на нивната конкурентност. Средствата ќе им се нудат преку Шпаркасе банка, Охридска банка СГ и Комерцијална банка по комерцијални услови.
Официјалното отпочнување на „Програмата за поддршка на конкурентностa на малите и средните претпријатија во Северна Македонија” денеска беше означено во Скопје во присуство на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
-Станува збор за програма која е во делот на грантовата поддршка од Европската Унија – ИПА преку која се нуди грант од шест милиони евра од ЕУ за развој на малите и средните претпријатија во земјава. Од нив 1,5 милиони евра ќе бидат за консултантски услуги, односно помош за малите и средни претпријатија како да ги направат своите бизнис програми и како да ги формулираат своите апликации и да ги осмислат своите бизнис планови, а 4,5 милиони евра ќе бидат грант кои ќе бидат додадени на 30-те милиони евра кредит што ги обезбедува ЕБОР. Практично ако некој сака да добие кредит од еден милион евра, тоа значи дека ќе добие 150.000 евра грант и ќе треба да врати 850.000 евра, рече Анѓушев во поздравниот говор.
Тој нагласи дека со тоа почнува да функционираат грантовите структури во делот на ЕУ што, потенцира, ќе ги има се повеќе во нашата држава како се приближуваме кон преговорите и членството во Унијата. Ги повика компаниите да ги искористат можностите што им се нудат и да аплицираат за грантовата шема и порача дека Владата ќе им биде партнер.
Раководителот на Секторот за проекти/операции од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Фрик Јанмат прецизира дека главната цел на програмата е да се зголеми конкурентноста на малите и средните компании во земјава со инвестиции во софтвер, технологија, опрема и надградба на нивното управување за да бидат извозно ориентирани и да извезуваат на пазарот на ЕУ и на другите пазари.
-Конкурентен приватен сектор создава ресурси, решенија и богатство што се потребни за другите предизвици со кои се соочува општеството, а малите и средните претпријатија доминираат во структурата на претпријатијата во земјава и се главни двигатели на развојот и растот. Малите и средните компании се уште се соочуваат со потешкотии при пристапот и користењето на средствата од банките иако банкарскиот сектор е ливиден. Често немаат капацитет да направат добри бизнис планови и на тој начин кредитите стануваат поскапи за нив. Затоа преку оваа програма се дава и техничка помош за банките за да ги прошират нивните капацитети за давање на кредити, рече Јанмат.
Нагласи дека има големи очекувања од програмата за намалување на јазот меѓу она што го нудат финансиските институции и она што го бараат малите и средните претпријатија.
Директорот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава Анка Јоана Јонеску посочи дек има голема побарувачка за кредитната линија и нагласи дека 25 милиони евра веќе се распоредени преку трите банки.
-Во првите три месеци од работата 10 компании добија заеми, а за 15 во напредна фаза се постапките за одобрување, рече Јонеску.
Нагласи дека ЕБОР им нуди и техничка помош на малите и средните компании за, како што рече, да се отворат конкурентни бизниси и да се прошири нивното работење.