Премиерот Зоран Заев очекува ратификувањето на Протоколот за пристапување на земјава во НАТО во американскиот Сенат да заврши до крајот на летото, а најдоцна до октомври.
Тој денеска во Охрид истакна дека процедурите за Протоколот мошне брзо завршиле во Стејт департментот и документот веќе е доставен до Сенатот.
-Тоа е постапка која трае, поприлично е сложена, значи не очекувам дека ќе се случи за една недела, но очекувам дека ќе заврши до крајот на летото, септември, октомври, рече Заев и додаде дека тоа е е експресно брзо во споредба со протоколите кои Вашингтон ги ратификувал за претходните членки.
-Драго ми е што сите овие процеси се ставени во функција и во другите земји, за еден дел тоа ќе биде одложено заради изборите за Европскиот парламент, но динамиката со која се случуваат ратификациите во сите 29 држави е одлична. Јас сум многу среќен и благодарен, треба и граѓаните да бидат среќни заради тоа што е возможно за нашата земја тоа да се заврши буквално за девет месеци, а за другите земји се завршуваше од една до една и пол година, рече премиерот.