Епидемијата на мали сипаници во државава продолжува со ист интензитет. Во текот на изминатата недела епидемија пријавија подрачната единица Кичево на Центарот за јавно здравје – Битола со 24 заболени лица и подрачната единица Струга на Центарот за јавно здравје – Охрид со 16 заболени лица. Бројот на новозаболени во текот на последната недела изнесува 109, со што вкупниот број заболени од прогласувањето на епидемијата во Скопје од крајот на декември, досега, веќе се зголеми на 767.
Ова денеска го истакна епидемиологот Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје, која рече дека најголем број од заболените – 575 се од Скопје, но има голем број заболени и во другите градови. Посочи дека во 20 града се пријавени поединечни случаи на заболени или поголем број заболени.
– Во однос на возраста најголем број од заболените се возрасни лица. Речиси 40 проценти од заболените се на возраст од над 30 години, а 38 проценти се на возраст до четири години. Најголем број од заболените (50 проценти) се лабораториски потврдени, а останатите се најчесто со епидемиолошка врска, но има и такви кои се само со клинича слика. Нема нов пријавен смртен случај освен трите случаи во изминатиот период, додаде д-р Кузмановска.