Спроведувањето фер и демократски избори и законите што Собранието треба да ги донесе за да може да бидат содржани во Извештајот, се клучни за евроинтеграциите за земјата за и скептичните држави да бидат убедени дека вие произведувате реформи, вели во интервју за МИА новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава Ангел Ангелов.
Според него одговорот на прашањето дали земјата може да очекува во јуни датум за старт на преговорите, е многу комплексен бидејќи влијаат многу фактори како што е Брегзитот каде е насочено целото внимание Унијата во моментов, потоа дефинирањето на Буџетот на ЕУ, за што се водат големи дебати во Унијата, како и изборите за Европскиот парламент, заради кои вели, извештаите за Република Северна Македонија и за Албанија ќе бидат објавени по изборите за ЕП, за да не бидат искористени во кампањата.
-Тоа мислам дека е добро и за вас, затоа што добивате дополнително време за да ги завршите своите задачи. И кај вас ќе има избори и вие сте фокусирани на нив, што е нормално, но треба да има резултати. Ние сме ваши поддржувачи и сме посветени на имплементацијата на Софиската агенда, но потребни ни се аргументи за уште посилно да се заложиме за вас, а тие аргументи можете само вие да ни ги дадете ако си го завршите вашиот дел од работата. Правецот е правилен и добар, останува да се завршат уште неколку работи. Тоа се фер и демократски избори, кои се клучни за целиот процес, како и законите што Собранието треба да ги донесе за да може да бидат содржани во извештајот, за и скептичните држави да бидат убедени дека вие произведувате реформи, вели Ангелов.
Тој смета дека примената на Софиската декларација треба да продолжи на што продолжуваат да бидат активни и е оптимист дека на крајот на романското претседавање ќе имаме некаков добар резултат.
Во однос на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања формирана согласно Договорот за добрососедство, оценува дека нејзината работа е значајна за градење доверба меѓу двете земји.
-Апсолутно сум согласен дека оваа комисија е значајна. Главното е да се работи на вистината. Така е наведено и во Договорот дека тие треба да најдат решенија што се темелат на автентични докази засновани на историски извори. Сметам дека тука имаме добра основа и се надевам дека со оглед што од двете страни се ангажирани добри експерти ќе се дојде до резултат што ќе биде доволно видлив и нема да создава нови колизии, туку напротив, ќе ги решава сите проблеми што постојат, вели бугарскиот амбасадор Ангелов.
Целосното интревју за МИА со амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја Ангелов Ангелов ќе биде објавено утре.