Средба со околу 120 компании од пелагонискиот регион остварија денеска премиерот Зоран Заев, вицепремирот Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и градоначалничката на Битола Наташа Петровска. Премиерот на средбата истакна дека Владата подготвила нов Закон за прекршоци, усвоен од Владата и Собранието, но не и потпишан од претседателот на државата, со кој значително се намалуваат казните за компаниите.
„Ако порано максималната казна беше 5000 евра при инспекција, со овој закон казните се намалени и до 60 проценти и изнесуваат од 50 до 2000 евра. Тие сега се рамноправни, односно фер и праведни. Казните зависат од бројот на вработените, големината на компанијата, интензитетот на правење на прекршоци и пред првата казна постои опомена, а дури потоа ако се повторат прекршоците се преминува кон казнување“, нагласи Заев.
Заев оцени дека пелагонискиот регион е особено важен за економијата со оглед на фактот дека компаниите од овој регион прават 12 проценти од Бруто домашниот производ во земјата. Премиерот даде осврт на дел од позначајните инфраструктурни проекти за подобро поврзување на пелагонискиот регион со остататокот од земјата, но и со соседна Грција, во насока на обезбедување на посигурен, поефикасен и побрз транспорт на производи и за повисока конкурентност на регионот.
„Реализацијата на експресниот пат Градско – Дреново– Прилеп, оди според предвидената динамика. Се подготвува проектната документација за патот Прилеп– Битола, двата проекти се значајни за севкупниот развој на пелагонискиот регион. Разговаравме и за идејно решение преку Бабуна-Велес-Прилеп до граничниот премин Меџитлија, како и проектната документација за проекти кои започнуваат, обиколницата околу Битола и експресниот пат до Меџитлија кон Грција. Ја најавивме и програмата во вредност од 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта за проектот „Македонија без кал“, подвлече Премиерот Заев.
Зборувајќи пред стопанствениците премиерот рече дека во моментов во државата имаме рекордно ниска невработеност од 19,4 проценти, а Владата ќе работи таа постојано да се намалува. Притоа тој се осврна и на структурата на невработените лица во државата пришто посочи дека голем дел од невработените се со завршено основно или помалку од основно образование.
„Мора брзо да дејствуваме во насока на преквалификација на работната сила, за да може економскиот развој да продолжи во позитивна насока. Важно ни е младите луѓе лесно да можат да се вработат, односно да се отвори простор за сите невработени полесно да се вработат. Зборувавме за двата модалитети за имплементација на дуалното образование и бизнис секторот ни е многу важен партнер во овој процес. Државата преку агенцијата за вработување овозможува поддршка од 1,1 милијарда денари за поддршка на вработувања. Преку образовниот процес, согласно новите програми, учениците уште во прва година во средните стручни училишта да почнат со практична едукација во компаниите, а во втората, третата и четвртата година, таа практична работа во компаниите да се зголемува, на тој начин да се прилагодиме како општество на новите потреби на стопанството “, кажа премиерот.
Вицепремиерот Анѓушев, покрај другото зборуваше за Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто оцени дека е широко прифатен од бизнис заедницата и дава позитивни резултати. Истакна дека во минатата година, како резултат на Законот, но и другите комплементарни мерки се постигнати добри економски резултати, како што се рекордниот износ на странски директни инвестиции од 624 милиони евра,раст на индустриското производство, пораст на извозот и намалување на невработеноста.
Тој рече дека со поднесениот предлог за измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, се овозможува поширок опсег на компании кои може да аплицираат за државна поддршка и олеснување на постапките за аплицирање на компаниите.
Министерот Сугарески на средбата со бизнисмените даде детален осврт на реализацијата на инфраструктурните проекти во регионот.
„Само во првиот инвестициски бран вложуваме преку 80 милиони евра за изградба и реконструкција на патиштата, но вложуваме и сериозни инвестиции за проектирање за изградба на нови автопатски и експресни решенија и поврзување со јужниот сосед. Често пати се зборува за брза врска низ Пелагонија, па сакам да спомнам што се работиме за ова да го реализираме. Имено тргнувајќи од Скопје па се до патарина на Градско е автопат кој на одредени делови во моментов го реконструираме. Понатаму од Градско до Прилеп веќе градиме експресен пат, кој верувам дека за година до две ќе биде комплетно готов. Потоа од Прилеп па до Битола оваа година ќе се распише тендер за изработка на проект за изградба на автопатско решение, ова е посебно барање на сите од овој регион. Од Битола до ГП Меџитлија веќе следната година започнуваме со рехабилитација на целата траса, инвестиција од околу 2 милиони евра, а во меѓувреме работиме на проект за изградба на нов експресен пат Битола-Меџитлија“, нагласи Сугарески.