Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираат на информацијата која се појави на одредени портали за наводен престој на претседателот на партијата Христијан Мицкоски во Будимпешта, Унгарија.
Според партијата, нивниот лидер бил во еднодневна приватна посета на Виена, односно како професор на Машинскиот факултет престојувал за научни цели.
Инаку патувањето е со неговиот приватен автомобил, а низ Република Унгарија поминува исклучиво како транзитна дестинација. Вистината е дека во близината на Будимпешта (околу 40км после Будимпешта на враќање кон Скопје) неговото возило извесен период е следено од луксузно патничко возило од марката „бентли“ со струмички регистарски таблици, управувано од роднина на премиерот Зоран Заев. Веруваме дека тоа е и изворот на тенденциозноста на ваквите дезинформации кои се појавија во одредени медиуми, што само ја потврдува безидејноста на власта, обидите за дефокусирање од вистинските теми и нервозата присутна поради слабата поддршка од граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.