Река, Силјановска и Пендаровски го потпишаа кодексот за фер и демократски избори

Кандидатите за претседател, Блерим Река, Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, денеска во просториите на Државната изборна комисија (ДИК), го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори.

Кандидатот на Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река порача дека е важно резултатот да биде регуларен, без разлика на тоа кој ќе победи.

-Влегуваме во ново искушение. Не е важно кој ќе победи, важно е резултатот да биде регуларен, со цел да влеземе во ЕУ. Ова нема да биде трка за живот и смрт, туку трка за ново поглавје на држвата. Наше е да ги исполниме обврските од кодексот, рече Река.

Професорката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, по потпишувањето на Кодексот изрази очекување дека борбата ќе се води со аргументи.

-За мене етичките правила се подеднакво важни, а можеби и поважни од правото и правдата. Очекувам тешка борба, иако сум жена. Борба со аргументи, а не византиски. Се надевам дека последиот збор ќе го имаат граѓаните, рече Гордана Силјановска-Давкова.

Стево Пендаровски подвлече дека е добро тоа што потпишувањето на кодексот станало пракса. Тој вети дека потпишаното ќе биде спроведено на терен.

-Немам дилеми дека тројцата ќе направиме сѐ за да имаме демократска борба. Сакам да посакам успешни, фер, демократски избори. Среќно на противкандидатите, изјави Стево Пендаровски.

Кампањата за претседателските избори почнува од утре, 1 април и завршува на 19 април на полноќ. Првиот круг на гласање за претседателските избори ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави