– Народниот правобранител во пресрет на Претседателските избори и предвремените избори за градоначалници на општините Охрид, Дебар и Ново Село, ги потсетува граѓаните, за важноста на избирачкото право и начинот на остварувањето и заштитата на ова право, а воедно упатува апел до институциите и сите други за обврската и одговорноста од создавање на реални услови за овозможување, почитување и остварување на избирачкото право на граѓаните, како и правилата за фер и демократски избори.
-Секој има право да се изјасни за својата опција без притоа да трпи никакви последици. Граѓаните се тие кои одлучуваат. Никој не смее во нивно име, преку разни форми на притисоци, уцени и закани да одлучува. Граѓаните не смеат да молчат, напротив мора да бидат активни, затоа што со навремено пријавување на неправилности од кој било вид го штитат нивното право, а истовремено придонесуваат за демократичноста на изборниот процес во целина, порачува Народниот правобранител.
Токму затоа, ги охрабрува сите, веднаш и без двоумење да ја пријават секоја форма на притисок, прекршување на нивните права и на прописите, и потсетува дека е отворена бесплатна телефонска линија на Народниот правобранител 0800 54321, непосредно во канцеларијата во Скопје и во подрачните канцеларии низ Републиката.
Истовремено, Народниот правобранител укажува дека навремено и ефикасно ќе интервенира во сите случаи на пријавување на повреди на избирачкото право, а истото го очекува и од сите други надлежни органи.
Народниот правобранител, посебен апел упатува до сите што се на раководни позиции во институциите и до други лица во јавната администрација, да не се осмелат на каков било начин да вршат заплашување и притисоци врз вработените, и да се однесуваат одговорно.
-Во спротивно таквото однесување е недозволиво и подлежи на кривична одговорност. Во оваа насока, Народниот правобранител ги охрабрува сите вработените во администрацијата и сите други лица, без двоумење и страв сознанијата за таквите дејствија треба да ги пријават до надлежните институции и до Народниот правобранител, кој без исклучок ќе ја гарантира тајноста на податоците, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Ова, додаваат, се однесува и за сите други работодавачи кои, меѓу другото, на денот на изборите на своите вработени треба да им определат работно време кое ќе им овозможи непречено остварување на правото на глас, без користење закани и други форми на условувања.
-Во пресрет на кампањата, Народниот правобранител упатува апел до сите чинители во изборниот процес, па и до родителите за неопходната потреба да ги заштитат децата и да не ги инволвираат во политички и изборните кампањи, со цел почитување на принципот на најдобриот интерес на детето. Исто така, и медиумите, особено треба да водат сметка и да не прикажуваат снимки, спотови од кампањи и слично каде се вклучени деца, се со цел децата да бидат заштитени од политички и идеолошки манипулации, порауваат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Истовремено, потсетуваат дека медиумите имаат клучна улога во заштитата на избирачкото право.
-Оттука, од особена важност е начинот на кој тие ги пренесуваат информациите. Затоа потребно е објективно, избалансирано и доследно информирање, и придржување кон етичкиот кодекс за информирање. Ако слободните избори со тајно гласање се столбот на демократијата, тогаш обврска на сите чинители во општеството е да обезбедат реални услови за слободни и фер избори, потенцираат од канцеларијата на Народниот правобранител.