Косовскиот вицепремиер Енвер Хоџајр смета дека одлуката на неговата Влада за воведување такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, го постигна посакуваниот ефект, нанесувајчи ѝ штети на Србија во висина од над 150 милиони евра, но дека е време таа да се укине, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоџај во денешното интервју за порталот „Економиа Онлине” вели дека со воведувањето на таксата, во ноември минатат година, Косово ѝ го даде на Србија заслужениот одговор, постапувајќи како независна и суверена држава.
– Сметам дека таксата го постигна својот ефект бидејќи ѝ нанесе удар на српската економија и во моментов штетите кои се нанесени на Србија изнесуваат над 150 милиони евра. Така што, ако Србија го користеше буџетот на Косово за да повлекува признавања на независноста, корумпирајќи разни влади во светот, сметам дека со ова на Белград му дадовме полн одговор, изјави Хоџај.
Сепак, смета косовскиот вицепремиер и потпретседател на Демократската партија на Косово (ПДК), таксата сега треба да се суспендира, со цел да не се наштети на односите на Косово со Соединетите Американски Држави и Европската унија.
– Сметам дека треба добро да го согледаме фактот дека таксата им нанесува штети на нашите односи со Америка и со ЕУ и дека ги блокира процесите, како што е дијалогот, кои можат да му помогнат на Косово да се движи напред. Наш став (на ПДК) е дека таксата треба да се суспендира на 120 дена, со цел тоа да отвори можност за постигнување финален договор (со Србија). Ако тоа не се случи, тогаш таксата може да се врати, изјави Хоџај.
Блокадата и пропаѓањето на дијалогот, смета тој, не се во интерес на Косово и преговорите треба да продолжат, затоа што, како што изјави, „Косово треба да ја заокружи својата државотворност”.
– Мислам дека е пред се интерес на Косово, но и на Србија, да го продолжиме дијалогот, да дојдеме до меѓусебно признавање и да постигнеме да го зачлениме Косово во ООН, за по 11 години независност, по 20 години од ослободувањето, да ја заокружиме нашата државотворност, изјави Хоџај.
Косовскиот вицепремиер во интервјуто за приштинскиот портал изрази уверување дека во јули годинава Косово ќе добие од ЕУ позитивен одговор на барањето за визна либерализација.