Нови паркови и зелени површини во Карпош

Продолжува зелената офанзива во Карпош. Нови паркови и зелени површини се предвидени на повеќе локации: спроти хотелот „Карпош“ на улицата Шекспирова се планира хортикултурно уредување (засадување нови цвеќиња, украсни грмушки и дрвја). Во продолжение на овој појас целосно ќе се облагороди и разубави делот околу Драмскиот театар и пред маркетот „Тинекс“, во Карпош 2.

Дополнително, со ново зеленило ќе се уреди и потегот по должината на булеварот 8 Септември (кај зградата на „Настел“), како и делот од спротива, зелениот појас кај комплексот „Македонија“ и лабораторијата „Авицена“. Исто така, ќе се разубави потегот на улицата Љубљанска, поточно зеленилото спроти кафе-барот „Чаптер“.

Ова е заклучено на денешната работна средба меѓу градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, со директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Адријан Муча, и оперативниот директор на ова јавно претпријатие, Игор Вељаноски. Горенаведените проекти се меѓу програмските активности на ЈП „Паркови и зеленило“ за оваа година, при што набргу ќе почнат со изведба.

На средбата се разговараше и за изградба на Спортско-адреналинскиот парк, кој ќе биде лоциран по должината на кејот на Вардар (од вештачката карпа до бунарите на реката Лепенец).

„Имаме шанса да добиеме нови бели дробови не само за Карпош туку за целиот град. Нашата намера е да почнеме со изведба на содржинскиот дел од паркот и веќе добивме грант од Светската банка за оваа намена, но потоа целосно да го уредиме и продолжението на овој потег за што ни е потребна поддршка од страна на ЈП ‘Паркови и зеленило’ и градските власти“, рече Богоев.

Идејата за зголемување на зелениот појас по должината на Вардар ја поздравија претставниците на јавното претпријатие, а директорот Муча посочи дека Општината може да смета на поддршката за целосна изградба на паркот. Во меѓувреме, Општина Карпош ја планира и новата пролетна акција за засадување нови веќе развиени дрвја во разни урбани заедници.

Треба да знаете
Последни објави