Набљудувачката мисија на Советот на Европа во врска со локалните избори во Турција соопшти дека „не е во целост уверена” дека Турција има „слободно и чесно изборно опкружување”.
Ендру Досон, кој ја предводи Мисијата, ја повика турската Влада да ги почитува изборните резултати, особено во провинциите со претежно население Курди, бидејќи во 2016 година Владата ги замени избраните функционери во 95 такви општини поради наводни врски со забранетите курдски милитанти.
Советот на Европа потврди дека Турција има безбедносни проблеми, но смета дека владината дефиниција за тероризам не е во согласност со европските стандарди, особено кога станува збор за курдските политички партии како што е Народната демократска партија.
Досон рече дека „не се прифатливи тврдењата кои претпоставуваат дека секој градоначалник на Народната демократска партија може да биде терорист или има врски со терористички групи”.
Шефот на набљудувачката мисија на Советот на Европа го пофали турското население поради високата стапка на излезност на локалните избори од 84 отсто и тоа го нарече „знак за демократски интерес”.
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска прогласи победа на локалните избори, иако неговата Партија за правда и развој „изгубила контрола во престолнината Анкара”, првпат по 25 години, а неизвесно е кој ќе победи и во најголемиот град во земјата, Истанбул.