Ракометарот на Вардар, Тимур Дибиров пред полуфиналето во СЕХА лигата против домаќинот Мешков во Брест, при средбата со медиумите изјави дека „црвено-црните“ веќе се навикнале да играат на вакви средби и не чувствуваат притисок.
Русинот вели дека тимот има респект кон домаќинот, но вардарци одат на победа и освојување на регионалното ракометно натпреварување.
„Немаме притисок бидејќи веќе навикнавме да играме на вакви средби и тоа во континуитет. Секоја година сме на Ф4 и сакаме да ја освоиме СЕХА. Имаме респект кон Мешков Брест и овој тим има предност бидејќи игра дома пред своја публика, а секогаш кога игра на домашен терен игра подобро. Можеби им давам мала предност, но веќе е добро познато како ние се бориме под притисок. Ќе биде тешко, Брест има предност, но ние сме Вардар“, смета Тимур Дибиров.